ЈЛБ”Илинден” и ООУ”Ванчо Прке”, го одбележаа 21 февруари,Светскиот ден на мајчиниот јазик (21/02/2020)

ЈЛБ „Илинден“ и деветолетката „Ванчо Прке“ се вклучија во одбележувањето на 21 Февруари – Меѓународниот ден на мајчиниот јазик. Јазиците кои се зборуваат во една земја, пренесуваат култура, вредности и традиција и затоа играат огромна улога во создавање одржлив развој и иднина, истакна директорката на ЈЛБ „Илинден“ пред делчевските ученици.

– Денес македонскиот јазик представува целосно оформен,современ литературен јазик.Но сепак тоа не значи дека тука треба да застанеме. Напротив, јазикот е непресушен извор, кој треба постојано да се следи, да се негува, да се надоградува и пред се да се зачува чистината на убавиот македонски збор. Нема ништо поубаво од тоа да се пишува, твори и зборува на мајчин јазик, рече Петровска.

Светскиот ден на мајчиниот јазик, УНЕСКО го прогласи во 1999 на 30-тата сесија на Генералната конференција, а наредната година беше промовиран како Ден на лингвистичка и културна разновидност и повеќејазичност. Во светот денес се зборуваат околу 6.500 јазици, а на околу половина им се заканува исчезнување. Според статистиката, во последните три века драматично се намалил бројот на јазици. Околу 200 земји се пред предизвикот да ги зачуваат „малите” јазици и тие да се употребуваат заедно со светските јазици, дополни Петровска во својот говор пред присутните ученици.