Како библиотека, секогаш се радуваме кога имаме соработка со млади луѓе, паметни, креативни, амбициозни, како што се членовите на Локалниот младински совет-Делчево. ЈЛБ„Илинден“-Делчево од секогаш со радост ги промовирала нашите автори, кои со ништо не заостануваат зад познатите странски автори, само што нашите македонски автори недоволно ги почитуваме и промовираме.Вечерва го промовиравме делото „Ехо на љубовта” од младиот автор Никола Митовски. ЈЛБ„Илинден“-Делчево на оваа промоција учествува како поддржувач на Локалниот младински совет-Делчево,како поддржувач на нашите млади македонски автори и како поддржувач на сите кои сакаат да читаа, пишуваат и ја сакаат книгата.
Во стихозбирката „Ехо на љубовта“ – стиховите силно одѕвонуваат, нежно ве милуваат со својата искреност и невиност, чисти како бистра солза, опишани преку сјајот на нејзините очи, првата прегратка, чувства неизговорени, но со поглед искажани, копнежи, горчливи ветувања, разочарувања и заминувања, надеж и среќа за двајца… едноставно допираат до вашата душа и го освојуваат срцето на секој читател.
Стихозбирката „Ехо на љубовта“ од авторот Никола Митовски е вистинско освежување и подмладување за литературното поетско ѕвездено небо, со современа македонска лирска поезија за неисцрпната муза и вечна инспирација – љубовта, возбудливо емотивно патување, кое го заслужува вашето внимание и љубопитност, ве повикува да го искусите и споделите.
На авторот Никола Митовски му посакуваме многу успех со делото и уште многу нови наслови.