Мајчиниот јазик е нашиот прв збор, прва мисла и најдлабока врска со сопствениот идентитет. Тој ја носи нашата историја, култура и традиција и не поврзува со минатото, сегашноста и иднината.По повод 21 февруари – меѓународниот ден на мајчиниот јазик, ЈЛБ„Илинден“ – Делчево го одбележува овој значаен ден со потсетување за важноста од неговото чување, негување и пренесување на идните генерации.Годинава овој датум го одбележавме заедно со петтооделенците од ООУ„СВ.Климент Охридски“ – Делчево и наставничките Јулија, Васка и Даниела.
Преку креативна и едукативна работилница се потсетивме на старите македонски зборови кои денес ретко се употребуваат или целосно се заборавени. Учениците имаа можност да ги запишуваат, да го откриваат нивното значење и да дознаат кои современи зборови ги замениле: абер,зијан ,ѕрцала, ѓум,мастраф,тапија, баждарина, абдал,вршник, штембил, осојак и др. Со тоа, учениците имаа можност да ја согледаат богатата јазична традиција и да ја развиваат свеста за значењето на зачувување на мајчиниот јазик.
Со оваа активност ја негуваме љубовта кон мајчиниот јазик, ја чуваме јазичната традиција и ги поттикнуваме најмладите да ја откриваат богатата ризница на македонскиот збор.Со одбележувањето на овој значаен датум, библиотеката продолжува да придонесува во негувањето на јазичната култура, поттикнувањето на љубовта кон пишаниот збор и зачувувањето на националното културно наследство.
Јазикот е нашиот идентитет, култура и наследство, да го сакаме, почитуваме и негуваме нашиот мајчин јазик, бидејќи преку него ја раскажуваме нашата приказна.





