Втори Април – Светски ден на литературата за деца
На денот кога е роден големиот раскажувач Ханс Кристијан Андерсен, ја славиме магијата на детската книга – светот во кој се е можно, каде што добрината победува, а фантазијата нема граници.
Светскиот ден на литературата за деца , ЈЛБ„Илинден“- Делчево , го одбележа заедно со второоделенците од ООУ„Св. Климент Охридски“, со едно прекрасно дружење исполнето со приказни, смеа и креативност. Раскажувавме бајки, препознававме јунаци од познати бајки, создававме наши сопствени мали светови од зборови.
Направивме волшебен свет полн со бајки и авантури!
Го запознавме паметниот мачор кој со итрина освојува богатство, раскажавме како храбрите јариња се спасуваат од лукавиот волк, и патувавме со едно дрвено момче кое учи да биде добро. Ја прераскажавме пак, приказната за едно грдо пајче кое станува прекрасен лебед, а заедно со едно храбро девојче поминавме низ шуната и научивме важна лекција за внимателноста. Слушавме за едно девојче кое падна во чуден свет полн со необични ликови и авантури,се запознавме со сирена која сонува да стане човек заради љубов.Се дружевме со едно братче и сестра кои се губат во шумата и се соочуваат со вештерка.
Раскажуваме и ги препознававме:
1.„Алиса во земјата на чудата“
Девојче паѓа во чуден свет полн со необични ликови и авантури.
2.„Малата сирена“
Сирена која сонува да стане човек заради љубов и открива нов свет.
3.„Трнорушка“
Принцеза која заспива со магија и чека да биде разбудена со вистинска љубов.
4.„Јованче и Марика“
Братче и сестричка се губат во шумата и се соочуваат со вештерка
5.„Мачорот в чизми“
Паметен мачор со трикови му помага на својот сиромашен господар да стане богат и успешен.
6.„Волкот и седумте јариња“
Лукав волк се обидува да ги измами јарињата, додека мајка им не е дома.
7.„Пинокио“
Дрвено момче кое лаже, учи да стане добро и вистинско дете.
8.„Грдото пајче“
Малечко пајче кое се чувствува различно, открива дека всушност е прекрасно.
9.„Црвенкапа“
Девојче тргнува низ шумата да ја посети баба си и сретнува опасен волк.
10.„Малиот принц“
Приказна за еден пилот и воен херој,кој се дружи со дете од друга планета.
11.„Кралот Лав“
Млад лав учи да ја прифати својата судбина и да стане вистински крал
12.„Пепелашка“
Добра девојка со помош на магија го пронаоѓа своето место и вистинска љубов.
Благодарност до наставничките Сузана, Латинка и Христина и до сите дечиња кои денес беа наши гости.
Светскиот ден на литературата за деца, библиотеката традиционално го одбележува секоја година, затоа што детството почнува со приказна, а љубовта кон книгата трае цел живот.













