Под мотото „Табло на македонската азбука“, денес го одбележуваме 5 Мај, денот на македонската азбука, ден што не потсетува на темелите на нашиот идентитет, култура и духовност. Азбуката не е само збир од букви, таа е мост меѓу минатото, сегашноста и иднината. Таа е гласот на нашите предци, но и обврска кон генерациите што доаѓаат.
Македонската азбука е наша сила, нашето наследство и нашата гордост. Преку неа се запишани нашите мисли, нашите приказни, нашата историја. Таа ни овозможува да создаваме, да учиме, да се развиваме и да останеме свои, без разлика на времето во кое живееме.
Како библиотека и како училиште,нашата мисија е да ја негуваме љубовта кон пишаниот збор, да ја чуваме и пренесуваме вредноста на јазикот и писменоста.
Во време на брзи промени и дигитална комуникација, уште повеќе е важно да ја зачуваме чистотата и убавината на македонскиот јазик.
Нека овој ден биде потсетник дека секоја буква има тежина, секој збор има значење,а секоја книга има моќ да промени живот.
ЈЛБ„Илинден“ – Делчево, 5 Мај- денот на македонската азбука и македонскиот јазик го одбележа со шестооделенците од ООУ„Св. Климент Охридски“. Пред учениците збруваа директорката на библиотеката Биљана Петровска и Валентина Даневска, наставник по македонски јазик и заменик директор на училиштето. Тие зборуваа за значењето и важноста на македонската азбука, потребата од нејзино чување и негување , како и „новите правила“ на пишување што ги наметнува дигиталната комуникација.
Учениците пак, направија свои фотографии со нашите букви и со нив направија убаво табло на македонската азбука.
Да ја чуваме, негуваме и сакаме македонската азбука- затоа што преку неа постоиме.
Нека ни е честит денот на македонската азбука и македонскиот јазик!









