Од страниците на стара книга до ново хоби за младите.
Во Фондот на нашата библиотека се чува книга од 1979 година, посветена на уметноста на плетењето, насловена „Рачни работи -плетење,плетење со чингелаќе, везење,шиење и други работи за спретни раце“. Денес кога мобилните телефони и екраните го заземаат најголемиот дел од слободното време на децата, сакаме да ја оживееме оваа книга и да и дадеме нов живот.
ЈЛБ„Илинден“ – Делчево одлучи да ја промовира оваа стара а вредна книга на еден поинаков , различен начин. Во соработка со Здружението на пензионери – Делчево, организиравме дружење и работилница на која искусните раце ги пренесоа своите знаења на најмладите. Ги споивме младоста и староста, традицијата и современото време. Плетењето како што пишува и во самата книга, не е само вештина, тоа е трпение, креативност, концентрација и можност да се создаде нешто убаво со свои раце.
Гледајќи во книгата и во рацете на жените членки од Здружението на пензионери – Делчево, 10 девојчиња, за миг ги оставија и не гледаа во мобилните телефони и открија едно поинакво, интересно и корисно хоби. Учеа да платат. Беше интересно, забавно и креативно.
Заедно покажавме дека книгите и знаењето немаат рок на траење, а вистинските вредности се пренесуваат од генерација на генерација.
„Рачни работи -плетење,плетење со чингелаќе, везење,шиење и други работи за спретни раце“ чека да биде изнајмена, а е преполна со идеи за рачни работи. Сите техники на рачни работи во неа се прикажани нагледно, преку слики и зборови, на прегледен и разбирлив начин. Книгата содржи многу привлечни идеи за гардероба на целото семејство, извонредни предлози да го разубавите вашиот дом и за низа други ситни, но корисни аматерски работи.
ЈЛБ„Илинден“ упатува благодарност до сите мали а големи девојчиња кои беа дел од оваа промоција и работилница и до нивните мајки, и секако до Здружението на пензионери -Делчево. Посакуваме оваа соработка да продолжи и понатаму.









